Растурени огледала

Колку само нѐ лажат очите и мозокот. Очите гледаат – мозокот препознава и врши поделби…Блиску и далеку. Нештата блиску изгледаат поинаку од нештата далеку. Пејсажот се претопува, не се разликуваат деталите. Поединостите се прегрупираат и се создаваат. Сосема поинакви шеми. И ете еден бескрај од ќерамиди, лавиринти, тунели, танц на некоја галаксија, и што ти не… се помина одеднаш – не вреди да набројувам. Тоа е искусено искуство… што повеќе за тоа… туку зошто ви додевам?

Се надевам не сум ви заморен. Така е кога ќе го задржам погледот подолго на ќерамидите – мислите летаат. А вие? За што мислите вие… можеби за чадот од оџакот што излегува, можеби се запрашувате каков специјалитет се подготвува во таа кујна, дали постои хармонија во тој семеен круг каква што постои меѓу хранливите состојки на вашиот омилен оброк?

Не, не, не… Сигурно се запрашувате каков поглед има од таа тераса? Мора да е тоа. Луѓето толку многу значење даваат на својата привидна перспектива. Знам што е наредно – сега ќе се обидам да ви ги прочитам мислите… ко до сега божем не се обидував… но не ми оставате избор.

Ох, тоа е толку лесно да се читаат туѓите мисли – еве на пример – се запрашувате дали јас вашиот соговорник сум воопшто свесен дека не постои никаков дијалог помеѓу нас двајцата. Па се разбира, ако за дијалог се потребни два извори за размена на информации сум свесен. Но јас исто така слепо верувам, о да, осаменоста е превезот на очите, а вербата е произлезена нужност од која сѐ ми се чини или уште подобро убеден сум дека вие умеете да читате и меѓу редови. Дека вашите очи не го премолчуваат она што вашиот јазик го премолчува, па после се ние водиме раговор – на некој начин.

Што сакаш да кажеш, дека не сме реални? Дека ова е само неуспешен обид на непознат автор за некакво си дело?! Па тоа не може да е вистина. За расказ треба заплет, расплет, перипетија, што знам?!? Ова ли е твојот начин да не се соочиш со реалноста. Па јас сум тука – на истата автобуска на која си и ти. И да знам, малку е невообичаено, но ете се случува… луѓето разговараат на автобуските, но тоа не е начин да ме избегнеш. Прекини ме, удри ме, побегни, затни си ги ушите, смеј ми се, кажи некој изговор за твоето нагло заминување –  било што! – изреагирај. Зар не гледаш дека немам приказна со која би го прекинал или видоизменил твојот тек, твојојт плов на мисли и на постоење. Немам со што да се помешам во твојот живот – тоа би требало да ти претставува олеснување. Да, ти не си жената на мојот живот, јас не сум тој – на твојот. Без да се прашуваме дали ќе ги најдеме нашите вистински, без такви оптеретувања, без идеализирања. Без сјај во очите – без толку опеаното препознавање, без ништо од сите тие возвишености, стојам пред тебе и те прашувам: зарем не го гледаш олеснувањето во сето тоа? Зарем не е прекрасно што не сме си судени, но сепак може да се предадеме на заеднички активности и да сетиме некаква си далечна поврзаност, вештачка блискост непомешана со  грчевите од отсуството на онаа вистинската. Еј, можеме да појдеме во паркот, да запееме некој рефрен што и двајцата го знаеме, да се преправаме дека се грижимме еден за друг, да играме брканица и сите игри од почеток и истовремено, неуморно, да растеме уште еднаш, да се предадеме на страстите, на физичката привлечност што јас ја имам за тебе и ти за мене… да ѝ дозволиме да се развие. Да вложуваме во нас, како очаен коцкар на рулет, да си тераме инат – најавтентичниот вентил за отфрлање на непознати насобрани негативни енергии… и што ли уште не? Ако сакаш можеме и во топ шоп да нарачуваме перници?

Мхм, ништо од ова не ти е привлечно, а? Имаш други луѓе за вниммание, други работи за правење, насмевките селективно се распределуваат и моите обувки се знак за забрането паркирање за некоја од твојте. Па, ќе те боли ли ако ти кажам дека ќе преживеам и без нив? Кој број автобус чекаш, зошто си уште тука?

rastureni-ogledala.jpg

Сакаш некакво објаснување за сево ова до сега?! Па добро ако би те забавувало да се обидам. Кој е одговорот на прашањето: што не е во ред со човекот што стои пред мене –навидум сосема обичен човек е – ни премногу низок, ни дебел, ни весел, ни плав, ни црн, лице што се изминува и изминува – без особености. Погледот поделен – едно око присутно, а друго некаде загледано – никогаш ти се чини не е фокусирано тука и сега. Едното око е некаде таму, сигурно и душата е поделена – и таа е некаде… па еве вака: во 2 реченици. Еуфоријата која си вообразувам дека ти ја пренесувам е пропорционална со нивото на тестостерон во мене, а работите за кои зборам се секогаш исти, вечно актуелни теми. Потајно – мрзата во мене сигурно има создадено скриен чекач – кој чека да биде заведен и да се препушти на нечии други теми – и да се ослободи малку – да излезе од своја кожа, но тоа е веќе друга тема. Сега и не е толку шаренолика мојата појава, нели?? Не е ни толку комплицирано. Но кога стигна овој разговор да биде предмет на анализа… имам да кажам нешто за правовременоста…

Во некоја друга пригода – бидејќи никогаш не се обидувам да бидам правовремен, а без тоа ништо не може да се постигне, така и поентата ќе се промолкне и од оваа епизода – премногу е рано и доцна истовремено за неа. Едноставно не е време за поенти, време е да се поздравиме, време да се качиш во автобусот.

Не, не и не!!! Се разбира нема да ти допуштам ни збор да кажеш, бидејќи ти и не постоиш. Да, ти не постоиш – јас сум ликот кој го креира нашиот автор. За тебе нема зборови, нема став, нема форма нашиот создавател. Не те осмислил како активен поради тоа што ти си објект. Пасисивен елемент. Не можеш да ослободиш никаква енергија – ти си предмет на истурање. Ете тоа си! И не ми е грижа дали сме во расказ, стихозбирка, филм или ебан скеч од К-15. Ти не постоиш. И секогаш ќе постојат такви непостоечки елементи – сенки од нешто – како тебе, во најдобар случај некои растурени погрешно изработени огледала. Огледала од кои очекуваме некаква варијанта на нашиот лик, но добиваме нејасна слика – нешто. Огледала кои потсетуваат дека не е сѐ полно како што изгледа – дека помеѓу два електрона од ист атом има огромна празнина – како и помеѓу два атоми, молекули два на воздухот што го дишиме. Огледала од кои се слуша смеата пакостна поради нашето уверување дека градите ни се полни мигот пред да издишиме… Да не споменуваме празнини поголеми – меѓуѕвездени. Но нема да ти успее, ќе ги пополниме сите! За нас празнината е полна со непознато, а непознатото е  концепт на цел – цел потребна за љубопитството да претставува наша основна движечка сила.

 

Advertisements

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s